Почетна · Кристализиран мед
За медот
Кристализиран мед
Објавено
Теглата што беше течна пред два месеци сега е светла и тврда. Медот не се расипал. Само кристализирал, и може пак да биде течен.
Зошто се стврднува
Медот е многу густ раствор на шеќери, најмногу фруктоза и гликоза. Гликозата полесно се одвојува во кристали, па колку повеќе гликоза има во однос на фруктоза, толку побрзо медот се стврднува. Медот од сончоглед и од репка се стврднува за неколку недели, а багремовиот може да стои течен и подолго од една година. Ливадскиот е некаде меѓу нив.
Ситните честички во медот, поленот и трошките восок, се точки од кои кристалите почнуваат да растат. Затоа мед што не е фино филтриран обично се стврднува побрзо од медот на полиците во продавница.
Каде се стврднува најбрзо
На ладно, околу 10 до 15°C, на пример во ладна остава. Затоа фрижидерот не е добро место за мед. На собна температура, подалеку од шпорет и сонце, останува течен подолго.
Како да го вратиш течен
Стави ја затворената тегла во сад со топла вода, до 40°C. Остави ја неколку часа и промешај кога ќе почне да омекнува. Ако водата се олади, смени ја.
Не ја ставај во микробранова и не ја грееј на шпорет. Во кошницата медот стои на околу 35°C. Кога се загрева многу над тоа, ензимите од пчелата се губат, а вредноста HMF, по која лабораторијата препознава загреан мед, расте.
Втечнувај само толку колку што ќе потрошиш за неколку дена. Секое ново загревање му одзема по малку.
Кога е проблем
Ретко. Понекогаш на врвот се одвојува тенок течен слој, и тоа само по себе е нормално. Ако медот мириса на кисело или пенуша, тоа е ферментација, а не кристализација. Се случува кога медот има повеќе вода или стоел отворен на влажно место. Тогаш јави му се на тој од кого си купил.
Многумина го сакаат токму таков
Кристализираниот мед не тече од лебот, па има луѓе што го чекаат да се стврдне. Вкусот е ист, се менува само структурата. Самата кристализација не докажува дека медот е вистински, но е добар знак. Повеќе за тоа во како да препознаеш вистински мед.
И мојот ливадски мед со време се стврднува. Тоа е нормално за мед што не е загреан.
Прочитај и: Што е суров мед